Фантастична шутерска вечер на Дурант во Мемфис

Голден Стејт останува на чело на Западната конференција откако актуелните прваци синоќа забележаа нова победа, на гостувањето против Мемфис со 103-118. Најзаслужен за неа е Кевин Дурант, кој ја имаше најдобрата шутерска вечер во кариерата. Крилниот кошаркар го заврши мечот со 28 поени, но погоди 12 шутеви со само едно единствено промашување, нешто што му се нема случено досега во настапите во НБА-лигата. Покрај Дурант, идентични 28 поени посстигна и Стеф Кари, додека кај Мемфис Мајк Конли постигна 22 поени со што стана најдобар стрелец во историјата на „гризлите“, симнувајќи го од врвот Марк Гасол.

Јута лесно славеше над ЛА Лејкерс со 115-100, максимално користејќи го неиграњето на Леброн Џејмс за гостинскиот тим. Руди Гобер стигна до дабл-дабл од 22 поени и 11 скокови, Инглез реализираше 11 поени и 14 асистенции за победничката екипа, додека кај гостите прв стрелец беше Кузма со 21 поен.

Оклахома Сити триумфираше над Индијана со 107-99, благодарение на одличната трета четвртина што домашната екипа ја доби со 31-15. Пол Џорџ беше најдобар поединец на натпреварот со 31 поен, додека Расел Вестбрук оствари уште еден трипл-дабл, реализирајќи 17 поени, 11 скока и 12 асистенции.

Резултати:

Чикаго – Портланд 98-118, Мемфис – Голден Стејт 103-118, Оклахома Сити – Индијана 107-99, Феникс – Вашингтон 121-124, Јута – ЛА Лејкерс 115-100.

Се вчитува...