Фантастична вечер за балканците во НБА, Нуркиќ и Јокиќ влегоа во историјата (ВИДЕО)

Во првиот натпревар за 2019 година, лидерот на Западната конференција во НБА лигата, екипата на Денвер забележа триумф на домашен терен над Њујорк од 115-108, врза серија од три последовни победи и се зацврсти на водечката позиција на табелата. Српскиот центар, Никола Јокиќ дуелот го заврши со трипл-дабл, за 34 минути на паркетот, постигна 19 поени, а имаше и 15 асистенции и 14 скока. Забележа и три блокади. Ваква статистика немал ниту еден играч уште од Лери Бирд во 1987 година.

 


Во драматичен натпревар, Портланд по продолжение го совлада Сакраменто со 113-108. По регуларниот перод, Кингс имаа шанса за победа бидејќи водеа со 99-90 на четири минути пред крајот, но ја испуштија предноста, а Демијан Лилард со кош на 15,5 секунди пред крајот донесе продолжение. Во дополнителните минути Портланд беше подобар со 10-5 и ја оствари 22 сезонска победа.

Во триумфот на Портланд, неверојатни бројки има зад името на босанскиот центар Јусуф Нуркиќ. Тој постигна 24 поени, имаше и 23 скока, седум асистенции, пет украдени топки и уште пет блокади. Со овој биланс Нуркиќ стана првиот во НБА историјата со пополнети сите статистички категории, а со вклучени повеќе од 20 поени и скокови.

Кај Сакраменто, српскиот тандем Немања Бјелица – Богдан Богдановиќ имаше солидна вечер. Бјелица оствари дабл-дабл ефект со 14 поени и 16 скока, додека Богдановиќ постигна 19 поени.

 


Голема вечер имаше и Каваи Ленард кој во победата на Торонто над Јута од 112-116 постигна рекордни во кариерата 45 поени. За тимот од Канада ова беше 28 победа сезонава наспроти само 11-те порази. Со овој биланс е на втората позиција на Исток зад Милвоки.


На двете преостанати средби, лидерот на Источната конференција, Милвоки  славеше над Детроит со 121-98, а Филаделфија ги изненади „Клиперс“ триумфирајќи со 119-113 на гостувањето во Лос Анџелес.

Се вчитува...