Фантастичниот Дончиќ го украде шоуто во Минесота

Лука Дончиќ одигра уште еден меч за паметење, предводејќи го Далас до триумф на гостувањето против Минесота тимвервулвс (105-108), за почетно водство во финалната серија од Западната конференција. Минесота во полуфиналето го елиминираше шампионот Денвер, но Далас јасно стави до знаење дека „волците“ нема да имаат нималку лесна задача во оваа серија, Дончиќ и Ирвинг одиграа маестрално и му ја донесоа победата на својот тим.

Минесота во долги периоди имаше контрола над резултатот, а Кајри Ирвинг беше кошаркарот кој го одржуваше Далас во живот. Кога беше најважно, работите во свои раце ги презеде Дончиќ, кој го донесе Далас во водство, задржувајќи го до самиот крај за голема победа.

Словенецот го заврши натпреврот со 33 поени и осум асистенции, Кајри Ирвинг постигна 30 поени за Далас, додека најефикасни во таборот на Минесота беа Мекданиелс со 24 поени (6/9 за тројка) и Едвардс со 19 поени, 11 скокови и 8 асистенции.

Се вчитува...