Федерер ја доби пресметката со Вавринка и е прв финалист во Мелбурн

Швајцарскиот тенисер Роџер Федерер е првиот финалист на машкиот дел од гранслем турнирот Австралија Опен, откако во полуфиналето во Мелбурн го совлада својот сонародник Станислас Вавринка со 3-2 во сетови (7-5, 6-3, 1-6, 4-6, 6-3). Тој го очекува својот следен ривал од вториот полуфинален меч меѓу Рафаел Надал и Григор Димитров. За Федерер тоа ќе биде 28. гранслем финале во кариерата, а е вториот највозрасен финалист во историјата по Кен Роузвел (39) на УС Опен во 1974 година.

Федерер, кој овој Австралија Опен го игра како 17.носител, одлично го отвори мечот и го доби првиот сет со 7-5, а продолжи во голем стил и во вториот, заокружувајќи го со 6-3 во гемови.

Но, и Вавринка не се предаде така лесно. Се врати брзо со 6-1 во третиот сет, а потоа го доби и четвртиот (6-4), отворајќи петти решавачки сет во оваа швајцарска пресметка.

Федерер сепак имаше повеќе сила и концентрација во петтиот сет и го доби со 6-3, за конечен триумф.

Се вчитува...