„Фемили“ се враќа, МЗТ го добива најголемото засилување

Тренерот на МЗТ Скопје, Александар Тодоров, на прес-конференцијата по поразот од Цибона најави освежување на играчкиот кадар во следниот период, се со цел „металците“ да состават конкурентен тим и да се прикажат во далеку подобро светло во преостанатиот дел од АБА-лигата. Сепак, најголемото засилување тимот на Тодоров во блиска иднина би требало да го добие од трибините, по најавите дека „Фемили Аеродром“ ќе се врати во салата СЦ „Јане Сандански“ за да им даде ветер во грб на своите миленици.

Добро познато е дека најверните навивачи на МЗТ Скопје веќе подолго време не се на трибините. Причината е конфликтот со поранешната управа и екс-градоначалникот на Аеродром, поради што трибината која вообичаено е резервирана за „Фемили“ во последните две години „зјаеше празна“. Сепак, промените во раководството, политичката смена во Аеродром, како и доаѓањето на Тодоров, тренер омилен кај навивачите поради освоената прва титула во клупската историја, придонесоа и верните фанови да го променат својот став.

IMG_3559

Разговори на оваа тема се водени и во пресрет на синоќешниот дуел со Цибона, но и покрај расположението за камбек на трибината сепак бил донесен заклучок дека нема доволно време за подготовка за соодветно одбележување на нивното враќање. Како што дознава ЕКИПА, веќе дилемата не е дали ќе има враќање на „Фемили“ на трибина, туку кога истото ќе се случи.

МЗТ Скопје во следното коло од АБА гостува во Белград на шампионот Црвена звезда, а следниот домашен натпревар го игра на 5 ноември (недела) против Мега Бемакс, меч на кој најверојатно „Фемили Аеродром“ ќе се најдат на својата трибина. Нема сомнеж дека нивниот камбек ќе биде огромен плус за македонскиот првак, кој во единствениот меч со посериозна бројка на трибините успеа да го совлада Партизан, за потоа да ги загуби следните две домашни средби, од Задар и од Цибона.

Се вчитува...