Фенер го преслуша Панатинаикос, ЦСКА Москва лесно со Бамберг

Фенербахче се врати на победничките патеки откако на домашен терен го совлада Панатинаикос со 84-63 (27-16, 17-12, 16-17, 24-18). Воведните десет минути кои домаќинот ги доби со огромни 27-16 само го најавија текот на натпреварот. „Зелените“ од Атина не можеа да се борат против европскиот вицешампион кој двоцифрената разлика на полувремето (44-28) ја одржа до крајот.

Македонскиот интернационалец Перо Антиќ имаше лош шутерски ден откако реализира само два поени (0/1 за два поени, 0/5 за три поени, 2/2 за еден поен), но затоа под кошвите беше незапирлив забележувајќи осум скока. Во неговиот тим најефикасен беше Датоме со 16 поени.

На победничките патеки се задржа и актуелниот шампион во кошаркарска Европа, ЦСКА Москва откако го нагости Бросе Бамберг. Германскиот клуб  само на почетокот на натпреварот делуваше како достоен противник, но се загуби во целост во преостанатите 30 минути. На крајот, ЦСКА Москва славеше со 85-64 (21-17, 23-16, 25-15, 16-16).

Нандо де Коло се врати во форма и постигна 26 поени и пет асистенции. Хајнс запиша 13 поени, по 10 имаа Фридзон и Курбанов.Тајс со 16 односно Мели со 15 поени беа најрасположени за игра кај Бамберг.

Се вчитува...