Фенер – Олимпијакос… за кого ќе навива Перо Антиќ: Нека победи…

Фенербахче и Олимпијакос ќе ги вкрстат копјата во првото полуфинале од фајналфор турнирот од Евролигата во Атина, дуел на два тима кој за нашата јавност ги поврзува едно добро познато име – Перо Антиќ.

Македонската легенда освои две титули со Олимпијакос, еднаш се искачи на тронот на кошаркарска Европа со Фенербахче (под водство на Жељко Обрадовиќ), па повеќе од јасно е дека денешното полуфинале ќе биде од специјално значење за нашиот кошаркарски великан.

„Олимпијакос со Фенербахче… за кого ќе навивам? Тоа се два тима за кои ме врзуваат прекрасни спомени и не би сакал да избирам… Ќе навивам за кошарката бидејќи знам дека ќе победи кошарката… играат два одлични тима кои ќе дадат се од себе за да стигнат до големото финале“, го почнува Антиќ разговорот за ЕКИПА.мк во пресрет на атинскиот фајналфор.

„Според мене, Олимпијакос ќе има мала предност, не поради фактот дека грчкиот тим игра во Атина, туку бидејќи подолго време се заедно, имаат тренер што долго време ја наметнува својата филозофија и што сезонава играше одлична кошарка. Ова воопшто не значи дека Фенер е слаб тим или дека тренерот на турскиот тим е послаб на оној на грчкиот гигант, но сметам дека околностите во моментов се на страната на Олимпијакос. Како што реков, нека победи кошарката, верувам дека ќе гледаме одлично полуфинале“, истакнува Антиќ.

Во второто полуфинале се среќаваат Реал Мадрид и Валенсија, а за Антиќ нема дилема околу тоа кој ќе стане европски шампион.

„Кој ќе победи во првото полуфинале, тој ќе стане и првак на Европа. Не се сомневам во тоа, ги почитувам и Реал и Валенсија, но моите два поранешни клуба сепак се на едно ниво повисоко од шпанските претставници. Затоа, убеден сум – кој и да победи денеска од Фенербахче и Олимпијакос, тој тим в недела ќе се искачи на тронот“, прогнозира Перо Антиќ.

Се вчитува...