Фенербахче и Антиќ останаа без трофеј во Купот на Турција

Фенербахче остана без посакуваниот трофеј во Купот на Турција, откако тимот на нашиот Перо Антиќ загуби во четвртфиналната пресметка со градскиот ривал Анадолу Ефес со 842-7. Перо Антиќ не настапи на оваа средба, а избраниците на Жељко Обрадовиќ кои се најдоа во составот не ја искористија шансата, одиграа под своите можности и заслужено претрпеа пораз.

По израмнетото прво полувреме (39-39), како пресудна се покажа третата четвртина во која Ефес одигра одлична одбрана, го доби овој период со 20-11 и си го трасираше патот до победата. Фенербахче на почетокот од последната четвртина намали на 62-57, но следеше нова серија на Ефес со која тимот на Перасовиќ за момент имаше и двоцифрена предност, за на крајот да триумфира со конечните осум поени разлика (82-74).

Центрите Удох со 14 и Весели со 13 поени беа најефикасни кај Фенербахче при овој пораз, а најдобар стрелец на мечот беше плејмејкерот на Анадолу Ефес, Томас Ертел со 18 поени и шест асистенции.

Анадолу Ефес во полуфиналето ќе се сретне со тимот на Каршијака, кој во денешното четвртфинале славеше над Јесгилгиресун со 85-79.

Се вчитува...