Фенербахче носи две топ-засилувања

Фенербахче не успеа да ја одбрани титулата во Евролигата, но амбициозните газди на турскиот гигант се решени сериозно да инвестираат во играчкиот кадар за тимот на Шарунас Јасикевичиус во наредната сезона повторно да го нападне тронот на кошаркарска Европа.

Информациите од Турција говорат дека Фенер веќе договорил две одлични засилувања, и тоа Шејвон Шилдс од Олимпија Милано и Брекстон Ки од Валенсија, кои ќе потпишат двогодишни договори со гигантот од Истанбул.

Шилдс со години важеше за клучен играч кај Еторе Месина, но по заминувањето на искусниот стратег од клупата сега и тој реши да ги смени клупските бои. Поентерот имаше неколку евролигашки понуди на маса, но на крајот ја прифати онаа на Фенер, за плата од 1,6 милиони долари по сезона.

Ки беше дел од тимот на Валенсија што стигна до Ф4 во Евролигата и се закити со титулата во Шпанија, овој крилен кошаркар импресионира со агресивноста и во нападот и во одбраната, со што го привлече вниманието на неколку тимови кои му понудија значително повисока плата од онаа што ја земаше во шпанскиот клуб. На крајот, тој ја прифати понудата за двогодишен договор со Фенербахче, за сума од 1,1 милиони евра по сезона.

Се вчитува...