Феникс 2010 по голема драма се пласираше во полуфиналето на „Благоја Георгиевски – Буштир“

Феникс 2010 е вториот патник во полуфиналето од Купот на Македонија откако во драматичен натпревар славеше со 70-72 против Гостивар. Изедначениот натпревар беше одлучен во завршните секунди, а победата ја донесоа Трајковски и Митревски со мирната рака од линијата за слободни фрлања.

Двата тима се мачеа да го најдат својот ритам на самото отварање на натпреварот, но како што одминуваа минутите успеаја да ја кренат реализацијата. Во изедначеното темпо за нијанса подобар беше Феникс 2010 кој благодарение на обидите за три поени направи предност, а Гостивар се одржуваше во игра преку офанзивните скокови за 19-23 по првата четвртина. „Сино-белите“ и „виолетово-жолтите“ успеваа да стигнат во отворени обиди, но не и да реализираат па во скромната втора четвртина успешноста од поле не беше во преден план. Феникс 2010 го исконтролира скокот и ги намали поените од втора шасна па ја задржа и предноста, а за истата да биде 31-35 на полувремето се погрижи Андреј Митревски кој погоди со звукот на сирената.

Добрата одбрана на Гостивар која дозволи само еден поен за четири минути игра, надополнета со офанзивните скокови донесоа и пресврт во третата четвртина (37-36), но тајм-аутот на Дервишевиќ веднаш вроди плод. Скопскиот тим заигра во свој ритам, ги одби обидите за три поени на Ефремовски и Пипкинс и ја задржа неизвесноста. А, за истата да биде минимална од 51-52 пред одлучувачките десет минути се погрижи Пипкинс.

Играта „кош за кош“ продолжи и во најголемиот дел од последната четвртина. „Мразот“ прв го разби Гостивар кој со серија од 6-0 успеа негативата од три поени да ја претврои во предност од три (57-60), но следеше одговор од Трајковски кој два пати носеше егал, а овој пат истиот остана на семафорот до самиот крај. Пресудни за победа беа поените на Трајковски од линијата за слободни фрлања на 16 секунди пред крајот, а доскорешниот кошаркар на Феникс 2010, Виктор Исајлоски промаши обид за победа на Гостивар.

Со 20 поени лидер на Гостивар беше Ефремовски, додека дабл-дабл учинок од 19 поени и 15 скока додаде Вучковиќ. Со 25 поени и 15 скока Феникс 2010 го предводеше Трајковски, 16 поени и 6 асистенции забележа Митревски.

Се вчитува...