Возачот на Ред Бул, Макс Ферстапен, изјави дека квалификациите за Големата награда на Азербејџан биле „катастрофа“, бидејќи трката во Баку ќе ја започне од осмото место. Четирикратниот светски шампион важеше за еден од главните кандидати за пол-позицијата, но се соочи со проблеми со батеријата во одлучувачкиот дел од квалификациите, додека инцидентот со Ландо Норис дополнително влијаеше на неговиот последен брз круг.
„Жолтите знамиња беа последната работа што се случи. Во текот на квалификациите имав проблем со максималната брзина. Губев околу половина секунда по круг само на правците, дури и во споредба со мојот тимски колега. Моторот едноставно не работеше како што треба и тоа беше првиот проблем“, изјави Ферстапен.
Холанѓанецот потоа го објасни проблемот што го имал во квалификациите.
„Во мојот прв брз круг, батеријата не почна да се полни, па на почетокот имав на располагање само половина од енергијата и морав да го прекинам кругот. Поради тоа гумите се изладија, бидејќи немав доволно моќност“, рече Ферстапен.
Тој додаде дека проблемите продолжиле и при последниот обид.
„Сето тоа се пренесе и на последниот круг. Го започнав без максимална брзина, имаше жолти знамиња, гумите не беа доволно загреани и така завршив на осмото место“, изјави возачот на Ред Бул.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
