Фетел не сака „селфи“, ни социјални мрежи

Четирикратниот шампион во Формула 1, Себастијан Фетел познат е по својата одбојност кон социјалните мрежи. Германецот воопшто не се заморува со „постови“ и „твитови“, избегнува „селфи“ фотографии секогаш кога може и вели дека не разбира зошто луѓето се толку „запалени“ по тоа.

„Не ми е јасно зошто постојано мораш на сите да им кажуваш каде си, што правиш, со кого си?! Едноставно, јас не чувствувам потреба за такво нешто, но во исто време, не ги ни обвинувам тие што постојано зборуваат за себе. Мислам дека јас сум од онаа посрамежлива генерација во однос на снимките и воопшто, себепретставувањето“ – вели Себастијан Фетел.

Возачот на Ферари вели дека се чувствува непријатно дури и кога му пристапуваат да се сликаат со него за потоа да ја покажат фотографијата на социјалните мрежи.

Луѓето доаѓаат до мене и ми велат – „може ли да направиме една снимка“ и потоа исчезнуваат. Понекогаш ги прашувам што прават со неа и обично одговорот е „немам поим“! Пред неколку дена едно момче ми рече дека снимката му треба за да им докаже на пријателите дека навистина сме се сретнале. Му реков дека не можат да му бидат добри пријатели ако не му веруваат без да им докажува нешто. Морам да признаам дека мене ми е многу попријатно да се ракувам и да споделам искуство од тоа да се запознаам со некого, отколку да си правам „селфи“ со него“ –вели Германецот.

Се вчитува...