ФФМ доби дополнителни еден милион евра од УЕФА за подобрување на инфраструктурата

Фудбалската федерација на Македонија ќе добие нови, вонредни средства од УЕФА во висина од еден милион евра за подобрување на фудбалската инфраструктура во Македонија. На денешната прес – конференција за укажаната доверба од УЕФА и за новите проекти од стратешкиот план на федерацијата говореше генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски.

„Во изминатиот период еден од главните приоритети на нашата федерација согласно стратешкиот план беше вложувањето во фудбалската инфраструктура. Реализацијата на низа проекти, започнувајќи од „Куќа на фудбалот“ и тренинг центарот „Петар Милошевски“, преку десетте терени со вештачка трева и поставување целосно нова тревна подлога и осветлување на пет стадиони во државата, па до комплетна изградба и опремување на капацитетите за Академијата на ФФМ. Постигнатото ни дава за право да веруваме дека можеме да одиме чекор повеќе во создавањето квалитетна спортска инфраструктура. ФФМ веројатно е единствената спортска институција во нашата држава која на таков начин, со средства од свои и извори од меѓународните фудбалски институции, ги реализира своите проекти и никогаш нема да се измориме од тоа! Од давањето поддршка, материјална и секаква друга во сите спортски средини во Македонија. Денеска официјално можеме да потврдиме дека ФФМ со помош на УЕФА е способна институција да ги поддржи важните идни проекти во нашиот фудбал, од изградбата на инфраструктура до работа со млади категории, кои се во нашиот фокус и согласно стратешкиот план на федерацијата. Со гордост можам да најавам е дека благодарение на реализираните проекти, УЕФА ни доделува нови, вонредни средства од „Хет Трик“ програмата во висина од еден милион евра“ – изјави Филип Поповски, генерален секретар на ФФМ.

Задоволство од досегашната соработка и од начинот на кој досега ФФМ ги реализираше проектите од „Хет Трик“ програмата на УЕФА преку писмена изјава изрази и високиот претставник на УЕФА, Зоран Лаковиќ, директор на одделот на Национални асоцијации на УЕФА.

„Со задоволство можеме да потврдиме дека Фудбалската федерација на Македонија добива вонредни средства во висина од еден милион евра од „Хет-трик“ програмата на УЕФА за подобрување на фудбалската инфраструктура ширум Македонија. Комитетот на УЕФА за „хет-трик“ програма ги одобри овие вонредни средства затоа што сметаме дека вложувањето во инфраструктурата е неопходно и многу важно за развој на фудбалот, а предуслов за тоа се два битни принципи – реализација на претходните проекти од оваа програма и транспарентно и отчетно трошење на средствата. Ова е голема заслуга и на вашиот претседател, не само затоа што Илчо е голем профеционалец, туку затоа што секогаш се бори и се труди да обезбеди подобри услови за напредок на македонскиот фудбал. Ве повикувам и во иднина да бидете исто толку посветени и да вложувате во развој на фудбалот како што тоа го правевте во изминатиот период“ – се вели во писмото од Лаковиќ до ФФМ.

Генералниот секретар Поповски потенцираше дека и новите средства федерацијата ќе ги искористи за подобрување на инфраструктурата на стадионите, а една од можностите со новиот „Хет Трик“ е доизградба на главниот стадион на тренинг центарот „Петар Милошевски“.

„И овие, како и добиените средства од минатите „Хет-трик“ програми на УЕФА, како Федерација ќе ги насочиме кон подобрување на фудбалската инфраструктура, а со новиот „Хет-Трик 5“ една од можностите е комплетна доградба на главниот стадион во комплексот „Петар Милошевски“ и можноста да создадеме услови и нашата А репрезентација да игра дел од натпреварите на стадион во нашиот комлекс. Ние сме благодарни што УЕФА одново ја препозна нашата желба и подготвеност да реализираме нови проекти и убеден сум дека повторно ќе ја оправдаме довербата која е многу значајна не само за ФФМ, туку и за националните селекции, клубовите во Македонија, Академијата и тренерската струка“истакна Поповски, најавувајќи нов проект за едукација на нашите тренери од програмата Еразмус +, во која ќе бидат вклучени 20 наши тренери со обуки во ПАОК, Матерзбург и Пескара:

„Бидејќи ние сме одговорни за едукација на нашите тренери кои работат во сите сфери на фудбалската игра со задоволство можам да најавам нов проект од програмата на Еразмус +. Нашата федерација заедно со Македонската агенција за човечки реурси ќе биде организатор на завршна обука за 20 наши тренери кои претходно ќе имаат и теоретски и практични обуки со колеги од четири земји, и од клубови како ПАОК, Матерзбург и Пескара. Станува збор за четири дневен едукациски дел кој ќе заврши со голема конференција на која ќе поканиме звучни имиња од академскиот свет, како и тренерски имиња кои се занимаваат со оваа проблематика. Ова е еден вид дополнување на активностите кои Фудбалската федерација ги реализира, а кога е во прашање едукацијата на тренерскиот кадар и младинскиот фудбал. Најдобра потврда за тоа е неодамна завршениот финален турнир од проектот за „Училишен фудбал“.

Се вчитува...