ФФМ и Макпетрол потпишаа договор за поддршка на македонската репрезентација (ФОТО)

„Макпетрол“ ја продолжува својата долгогодишна определба за поддршка на македонскиот спорт, започнувајќи соработка со Фудбалската федерација на Македонија и со поддршка за македонската А-репрезентација. Во текот на своето повеќедецениско постоење, компанијата континуирано вложува во спортот и во спортистите кои ја претставуваат земјата на најголемите домашни и меѓународни натпреварувања.

Почетокот на соработката беше одбележан со потпишување договор меѓу претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, и Главниот оперативен директор на „Макпетрол“, Марија Јосифовска-Спасовска. Соработката ги поврзува две организации околу заедничка цел: поддршка на репрезентацијата која го претставува македонскиот фудбал на највисоко ниво.

За „Макпетрол“, таа претставува продолжување на долгорочниот пристап кон спортот како важен дел од општеството и како простор во кој посветеноста, дисциплината, тимската работа и стремежот кон успехот добиваат своја највидлива форма.

„Македонската фудбалска репрезентација обединува огромен број луѓе околу заедничката желба за успех и достоинствено претставување на нашата земја. Токму затоа ни претставува задоволство што „Макпетрол“ станува нејзин поддржувач. Спортот отсекогаш имал важно место во нашето општествено делување и низ годините сме стоеле зад спортисти и спортски колективи кои со својата работа поставуваат високи стандарди. Веруваме дека оваа соработка ќе придонесе кон создавање уште подобри услови за националниот тим и со големо внимание ќе ги следиме неговите следни предизвици“, изјави Марија Јосифовска-Спасовска, главен оперативен директор на „Макпетрол“.

„Задоволство ни е што „Макпетрол“, компанија со долгогодишна традиција и значајно присуство во македонското општество, ја препозна важноста на македонската фудбалска репрезентација и се приклучи како нејзин поддржувач. За нас, секое партнерство со домашна компанија која верува во спортот и во вредностите што ги носи фудбалот има посебно значење. Репрезентацијата е повеќе од фудбалски тим. Таа ги обединува навивачите, создава чувство на припадност и со секој настап ја претставува Македонија. Затоа ни е важно околу националниот тим да создаваме силна мрежа на партнери и пријатели кои ќе бидат со нас и во добрите моменти и во предизвиците што следуваат. Верувам дека оваа соработка ќе биде успешна и долгорочна и дека заедно ќе продолжиме да придонесуваме за развој и афирмација на македонскиот фудбал“, изјави Масар Омерагиќ, претседател на ФФМ.

Со новата соработка, „Макпетрол“ ја проширува поддршката за македонскиот спорт и ја продолжува определбата да биде партнер на спортистите и тимовите кои со своите настапи ја претставуваат Македонија пред домашната и меѓународната јавност.

Се вчитува...