Фудбалската федерација на Македонија, заедно со останатите национални асоцијации членки на УЕФА, го поддржува воведувањето на Clear Line, нова платформа создадена со цел да обезбеди поголема јасност, доследност и транспарентност во разбирањето и примената на судиските одлуки во европскиот фудбал.
Clear Line претставува единствен европски водич за судиски одлуки преку кој, за првпат на едно место и со отворен пристап, јавноста може да добие увид во истите стручни насоки што им се даваат на судиите и видеоасистент судиите (VAR).
Платформата објаснува како треба да се толкуваат Правилата на фудбалската игра, што точно треба да процени судијата во одредена ситуација и кога VAR треба, а кога не треба да интервенира.
Едно од најчестите прашања по спорните или сложените ситуации на фудбалските натпревари не е само каква одлука донел судијата, туку пред сè, зошто ја донел токму таа одлука.
Иста ситуација често различно ја толкуваат навивачите, играчите, тренерите, медиумите, па дури и поранешни судии и стручни коментатори. Причината многу често е тоа што критериумите и стручната логика врз основа на кои се носи одредена судиска одлука не се доволно познати на пошироката јавност.
Токму тој простор меѓу самата одлука и објаснувањето како и зошто е донесена е една од главните причини за создавањето на Clear Line. УЕФА преку платформата сака стручната судиска интерпретација да биде достапна на едно место, на јасен и разбирлив начин.
Целта не е да се елиминира секоја дискусија околу судењето, ниту е можно секоја фудбалска ситуација да биде идентична, туку да постои заедничка референтна точка од која ќе тргнуваат судиите, клубовите, играчите, тренерите, медиумите и навивачите.
Clear Line во почетната фаза содржи повеќе од 150 конкретни судиски ситуации, обработени преку видео материјали и визуелни објаснувања.
За секоја ситуација се објаснува:
– што требало да процени судијата;
– која одлука е донесена;
– зошто е донесена таквата одлука;
– како се применува конкретното Правило на фудбалската игра;
– дали ситуацијата е во рамките на VAR протоколот;
– кога VAR треба да интервенира;
– и, подеднакво важно, кога VAR не треба да интервенира.
Корисниците можат да разгледуваат различни категории ситуации, од игра со рака и офсајд, до прекршоци, сериозни прекршоци и други сложени и често дискутирани судиски ситуации.
На овој начин, наместо повеќе различни толкувања за иста или слична ситуација, европскиот фудбал добива единствена заедничка стручна референца во однос на судењето и критериумите за проценка од страна на судиите. Насоките претставуваат заедничка референтна основа, поддржана од главните одговорни лица за судење во сите 55 национални асоцијации членки на УЕФА.
Посебен акцент на правилната употреба на VAR
Една од особено важните пораки на Clear Line се однесува на правилното разбирање на улогата на VAR.
Платформата не го проширува опсегот на VAR и не создава очекување дека VAR треба да се вклучува во секоја дискутабилна ситуација. Напротив, Clear Line дополнително го потврдува основниот принцип на VAR протоколот – видео технологијата да се користи за коригирање на јасни и очигледни грешки, во рамките на ситуациите предвидени со протоколот.
Тоа е особено важно за подобро разбирање на разликата меѓу:
– судиска одлука со која некој можеби не се согласува, и
– јасна и очигледна грешка која бара VAR интервенција.
Со подобро разбирање на оваа разлика се намалуваат нереалните очекувања дека секоја спорна одлука мора автоматски да биде предмет на VAR интервенција.
Важно е да се потенцира дека Clear Line не претставува нова примена на правилата, нов протокол или каков било друг правилник, ниту пак ги менува Правилата на фудбалската игра. За Правилата на фудбалската игра и понатаму е надлежен IFAB.
Clear Line претставува стручен водич кој помага да се разбере како тие правила треба да се толкуваат и применуваат во конкретни натпреварувачки ситуации.
Исто така, платформата не треба да се сфати како сервис преку кој дополнително ќе се анализира секоја одлука од секое одиграно коло или натпревар. Нејзината цел не е неделно коментирање на судиските одлуки, туку создавање и постојано надградување на база на референтни ситуации и критериуми.
Основната цел е поголема конзистентност во донесувањето на судиските одлуки и заедничко разбирање на критериумите според кои тие се носат.
Истовремено, платформата има и значајна едукативна улога. Таа не е наменета само за судии и VAR официјални лица, туку е достапна за играчи, тренери, клубови, судии, судиски инструктори, контролори на судењето, медиуми, телевизиски коментатори, фудбалски аналитичари, навивачи и целата заинтересирана јавност.
Со тоа, сите страни кои учествуваат или го следат фудбалот ќе имаат можност своите ставови да ги темелат врз истите критериуми и стручни објаснувања, наместо врз различни или неформални интерпретации.
Колку е поголемо разбирањето за тоа како се носат судиските одлуки, толку е поголема можноста да се зголемат довербата во процесот на судење и поддршката за судиите кои ги носат тие одлуки.
Clear Line и македонскиот фудбал
Фудбалската федерација на Македонија ќе го користи Clear Line како важна стручна референца во работата со судиите, VAR и AVAR официјалните лица, инструкторите и контролорите на судењето.
Истовремено, платформата претставува значаен ресурс и за клубовите, тренерите и играчите, затоа што овозможува директен увид во критериумите според кои се едуцираат и оценуваат судиите.
За ФФМ, воведувањето на Clear Line е продолжение на определбата за поголема едукација, транспарентност и унифицирано толкување на Правилата на фудбалската игра, како и за правилна и контролирана примена на VAR технологијата и протоколот.
Особено е важно сите чинители во домашниот фудбал – судии, клубови, играчи, тренери, медиуми и навивачи постепено да развиваат заеднички јазик кога разговараат за судиските одлуки.
Целта не е секогаш сите да се согласуваат со секоја одлука. Целта е сите да знаат кој е критериумот, што предвидуваат Правилата и која е стручната основа врз која судијата или VAR ја носи својата одлука.
„Со Clear Line добиваме нешто што долго време му беше потребно на фудбалот, можност критериумите според кои се носат судиските одлуки да бидат достапни не само за судиите, туку и за клубовите, играчите, тренерите, медиумите и навивачите. На овој начин, дискусијата за судењето може сè повеќе да се базира на правилата и официјалните стручни критериуми, а сè помалку на субјективни толкувања“, изјави за ФФМ Дејан Јакимовски, ВАР проектен лидер и член на Судискиот одбор.
Комесарот за делегирање на судиите и член на Судискиот одбор, во изјава за ФФМ, истакна:
„За нас е особено значајно што станува збор за заедничка европска референца. Истите принципи според кои ги едуцираме нашите судии и VAR официјални лица сега ќе бидат достапни и за пошироката фудбалска јавност. Веруваме дека поголемото знаење и разбирање носат поголема конзистентност, но и поголема доверба во судењето.“
Clear Line не е затворена база на ситуации. Платформата е создадена така што со текот на времето ќе се надградува со нови примери, кога во европскиот фудбал ќе се појават ситуации кои бараат дополнително појаснување или унифицирање на критериумите.
Clear Line е достапен за сите преку UEFA.com/clearline.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
