Македонија доби високи оценки за организацијата на Европското првенство за кошаркари до 16 години – Дивизија Б, кое се одржа во Скопје и Гевгелија.
Кошаркарската федерација на Македонија беше домаќин на шампионатот, на кој настапија младите репрезентации од повеќе европски земји. Покрај натпреварите на теренот, првенството беше и можност Македонија уште еднаш да го покаже својот организациски потенцијал за големи меѓународни спортски настани.
За успешната организација, Кошаркарската федерација на Македонија доби и специјална плакета како признание за реализацијата на првенството.

Особено значајни беа пофалбите од претседателот на ФИБА Европа, Хорхе Гарбахоса, кој позитивно ја оцени организацијата и условите за време на својот престој во Македонија. Според него, нашата земја чекор по чекор го зацврстува односот со европската кошаркарска куќа и станува сигурен и доверлив партнер.
Оценката од ФИБА Европа претставува повеќе од признание за едно успешно организирано првенство. Таа е потврда дека Македонија повторно гради доверба и партнерски однос со највисоките структури на европската кошарка.

Успешната организација на шампионатот во Скопје и Гевгелија е уште еден доказ за професионалноста и посветеноста на Кошаркарската федерација на Македонија, но и сигнал дека земјата има потенцијал да биде домаќин на нови големи меѓународни натпревари.
Македонија покажа дека знае да биде добар домаќин, а уште поважно – дека сака и може да биде дел од иднината на европската кошарка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
