Фабио Паим, поранешниот голем талент на португалскиот фудбал кој кратко го носеше дресот на Челси, се соочува со сериозни обвинувања. Според британските медиуми, 38-годишникот е обвинет за силување студентка, оштетување на имот и нелегален влез.
Паим треба да се појави на суд на 18 ноември, а случајот се однесува на наводен инцидент што се случил на 20 април 2023 година во Фаро, град на југот на Португалија.
Според локалните медиуми, поранешниот фудбалер наводно насилно влегол во станот, а потоа физички нападнал и силувал 20-годишна студентка. Извештаите велат дека жртвата била цимерка на жена што Паим претходно ја запознал во бар.
Истражителите наводно пронашле траги од ДНК на облеката на наводната жртва што помогнало Паим да се поврзе со случајот. Обвиненијата против него сè уште не се конечно докажани, а конечната одлука ќе ја донесе надлежниот суд.
Паим некогаш се сметаше за еден од најперспективните португалски фудбалери на неговата генерација. Тој беше член на младинските селекции на Португалија, за кои имаше 42 настапи, но никогаш не доби шанса да игра за сениорската репрезентација.
Особено е интересно што и Кристијано Роналдо имаше исклучително високо мислење за него. Откако се пресели во Манчестер Јунајтед во 2003 година, Роналдо во една прилика ќе рече
„Ако мислите дека сум добар, само почекајте додека не го видите Фабио Паим“.
Неговиот потенцијал беше толку ценет што, според британските медиуми, кога имал само 13 години, заработувал околу 4.400 фунти неделно, со годишен бонус од дури 130.000 фунти.
Во август 2008 година, Паим пристигна во Челси на позајмица од Спортинг Лисабон, во време кога лондонскиот клуб го водеше Луиз Фелипе Сколари.
Сепак, тој никогаш не успеа да направи пробив во првиот тим. За време на неговиот четиримесечен престој, тој играше за резервниот тим, по што повторно отиде на позајмица, овој пат во Рио Аве.
Подоцна призна дека бил фрустриран од недостатокот на можности во сениорскиот фудбал и дека, поради вишокот слободно време и погрешните одлуки, направил низа грешки.
Неговиот живот бил обележан и со претходни правни проблеми. Британските медиуми наведуваат дека во 2012 и 2015 година се соочил со обвиненија за силување, додека во посебен случај бил осуден на условна казна затвор за трговија со дрога.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
