Македонската Кошаркарска Федерација се избламира во случајот со суспензијата на Ненад Димитријевиќ, откако конечно стигна и „пресудата“ по пријавата на младинскиот репрезентативец од страна на селекторот Василев. ФИБА писмено ги известила челниците на МКФ дека Димитријевиќ е казнет само со десет дена неиграње, како санкција за отсуството од младинската репрезентација на Македонија.
Како што е добро познато, МКФ бараше суспензија од шест месеци за талентираниот плејмејкер поради неговото неиграње на Европското Првенство – Б дивизија што минатото лето се одржуваше во Бугарија. ФИБА во изминатиот период ги зеде во предвид понудените аргументи од двете страни, по што беше донесена и конечната одлука – за минимална суспензија на кошаркарот.
Димитријевиќ има и право на жалба на ваквата санкција, но многу поверојатно е дека тој ќе ја „одлежи“ суспензијата што реално ќе значи пропуштање на само еден натпревар во Ендеса лигата. Во целиот случај куќата на кошарката само се избламира, најпрвин посочувајќи дека сака да „направи пример“ од Димитријевиќ, како порака за оние кои во иднина би отсуствувале од националниот тим, и тоа уште од младински селекции. Казната носи сосема поинаква порака, а воедно и дополнително се влошуваат односите со кошаркарот на Хувентуд, на кого реално мора да се гледа како на иден предводник на сениорската репрезентација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА