ФИФА го казнила Меси бидејќи не дошол на гала-прославата?!

Суспензијата на Лионел Меси од четири натпревари поради навреди кон помошниот судија на дуелот Аргентина – Чиле силно одекна во светската фудбалска јавност. Шокот е уште поголем ако се знае дека главниот судија и неговите асистенти воопшто не ги внеле инцидентите во својот извештај, при што главниот арбитар посочил дека „Не слушнал никакви навреди од Меси, а доколку тоа било случај сигурно ќе го казнел Аргентинецот“.

„Дисциплинците“ на ФИФА сепак преку ТВ снимките утврдија дека Меси упатил пцовки кон помошникот, но главната дискусија е на тема како може толку ригорозно да се изрече суспензија за нешто што не претставува никаков физички конфликт.

Четири натпревари суспензија за пцовки? Па тоа не е нормално, гледаме прегруби стартови за кои се даваат максимум два меча казна“ – истакна Цезар Луис Меноти.

Каталонскиот весник „Ел Мундо Депортиво“ објави дека во ФИФА постои силно лоби против Аргентинецот, особено меѓу новото раководство откако тој одбил да присуствува на гала-вечерата „Бест“ за доделување на наградите на најдобрите светски фудбалери. Светската куќа на фудбалот во јануари го промовираше ребрендирањето на својот избор, но Меси не дојде на гала-вечерта свесен дека главната награда ќе замине во рацете на Кристијано Роналдо.

Ова е нивни начин да го казнат Лео што не дојде на гала-прославата за Бест. Така ригорозна казна само поради пцовки кон судија, тоа е неверојатно“ – пишува каталонскиот весник.

Аргентинците се бесни што за одлуката беа известени само неколку часа пред дуелот со Боливија, принудувајќи го селекторот Бауза на промени во последен миг. Тие најавија жалба, што е сосема очекувано, но останува да се види како ќе се снајдат „гаучосите“ без својот најдобар играч, со оглед на фактот дека на претходните седум средби без Меси оваа селекција забележа само една единствена победа.

Се вчитува...