Македонската репрезентација в четврток против Романија го почнува новиот квалификациски циклус за СП 2022, а ФИФА во пресрет на овие квалификации објави листа од десет фудбалски асови кои според светската куќа на фудбалот заслужуваат да се најдат на собирот во Катар. Меѓу овие „десетмина величествени повозрасни од 28 години“ се најде и Горан Пандев, македонскиот капитен кој успеа да ја одведе нашата репрезентација на ЕВРО 2021, а сега ќе биде дел и од почетокот на новиот квалификациски циклус.
Пандев начелно има најавено дека летово по европскиот шампионат ќе ја заврши кариерата, но во ФИФА сметаат дека Македонецот заслужува да одигра и еден светски шампионат пред и официјално да му каже збогум на фудбалот.
„Голгетерот играше иззвонредно за Лацио пред да се пресели во Интер и да му помогне на овој тим да стигне до легендарната тројна круна во сезоната 2009/2010. Пандев се уште импресионира во Серија А како член на Џенова. Макеоднија никогаш не се пласирала на едно од првите три места во едни квалификации за СП, но оваа селекција сега е полна со самодоверба по пласманот на првото големо натпреварување, ЕВРО 2021“, пишува во анализата на ФИФА.
Друштво на Пандев му прават капитенот на Арсенал, Пјер-Емерик Обамејанг, потоа Вирџил ван Дајк од Ливерпул, словенечкиот голман Јан Облак, Герет Бејл од Велс, Атиба Хачинсон од Канада, Ву Леи од Кина, Ерменецот Хенрик Мхитаријан, Колумбиецот Дуван Запата и Вилфрид Заха од Брегот на Слоновата Коска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА