ФИФА потврди: ВАР за помош на судиите на СП во Русија

Арбитрите на претстојниот фудбалски мундијал во Русија ќе ја имаат помошта на ВАР-технологијата, се со цел да се намали бројот на судиски грешки на ова големо натпреварување. Советот на ФИФА на денешниот состанок само ја потврди одлуката што претходно беше најавена, дека ВАР технологијата ќе дебитира на овој светски шампионат.

„Живееме во време на технолошки развој и мораме да ги следиме трендовите. Сакаме да им дадеме на судиите алатки за бројот на грешките да се намали. Ова е 21. век, не може сите во своите дневни соби да гледаат и да зборуваат како судијата погрешил, а тој да не е свесен за тоа. Целта е јасна – што подобри судиски одлуки, особено на големите натпреварувања како светските првенства“ – изјави првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино.

Светското Првенство во Русија ќе се одржи во периодот од 14 јуни до 15 јули. Во премиерниот меч, кој ќе влезе во историјата како прв мундијалски дуел во кој е користена технологија за помош на судиите, ќе се сретнат Русија и Саудиска Арабија.

Се вчитува...