Филип Лазаров во наредните две сезони во дресот на Пелистер

Македонскиот репрезенаттивец Филип Лазаров, е најзвучното засилување во составот на Пелистер за новата сезона. По една сезона помината во романскиот Темишвар, Лазаров се враќа во Македонија и по втор пат во кариерата ќе биде дел од Пелистер со кој потпиша двегодишен договор. Покрај Лазаров, како позајмен играч од Металург доаѓа младинскиот репрезентативец Томислав Јагуриновски. Во битолскиот тим на чија клупа е Стевче Алушовски, за претстојната сезона ќе има десет нови имиња, дел македонски, а поголем дел странски засилувања.

Со Филип Лазаров го комплетираме составот за следната сезона. Потпишавме договор на две години, со можност за продолжување на соработката. Имаме повеќе нови играчи во тимот, но верувам дека добро ќе се вкомпонираме и дека Пелистер ќе биде еден многу добар проект“ – истакнува тренерот Стевче Алушовски.

Од ланскиот состав Пелистер ги продолжи договорите со пикерот Васко Димитровски, левото крило Реваз Чантурија, со бековите Златко Везенковски и Кире Митревски, крилата Никола Ивановски и Бојан Маџовски. Покрај Филип Лазаров и Јагуриновски, нови имиња во составот се уште и Грузиецот Теимуруз Орјонкидзе и голманот Милош Рајчиќ кои во Пелистер доаѓаат од екипата на Прилеп, потоа Жарко Чуриќ, Михајло Митиќ, Милош Ивиќ, Вељко Давидовиќ и Горан Раковиќ. Покрај овие странски засилувања, во составот на Пелистер се враќа и Александар Босеовски кој минатат сезона настапуваше за тимот на Охрид.

Алушовски првата прозивка ќе ја има во среда на 26 јули кога ќе стартуваат со подготовките во Битола. Во склоп на подготовките пред стартот на новата сезона, во план е и одигрување на неколку контролни натпревари со другите македонски екипи, а термините ќе бидат дополнително дефинирани.

Се вчитува...