ФИНАЛЕ КУП НА МАКЕДОНИЈА: Каланоски не реализираше „зицер“, мечот оди во продолженија (ВИДЕО)

Македонија ЃП и Силекс одиграа без голови во финалето на Купот на Македонија и сега ќе играат продолженија. Тврд натпревар, но и меч со многу грешки на двете страни. Силекс се реши да се брани и се одбрани, а Каланоски им правеше многу проблеми на ѓорчепетровци. Христијан Стевковски е херојот на „лавовите“ кој одбрани три шута на Каланоски. Од друга страна од Македонија ЃП се очекуваше многу повеќе, но дисциплинираната игра на кратовци не им дозволи да се размавнат, да создадат ситуација по која би го совладале Божиновски.

Прв дел во кој Силекс се бранеше и со петмина, а напред правеше многу проблеми преку Каланоски. Македонија ЃП го имаше поседот, но кога ќе стигнеше на 25-30 метри од голот на Силекс, се случуваше агресија на кратовци и лесно одземени топки.

Шансата на Македонија ЃП беше прекинот, па така уште во 2. минута се закани Адем, но одбрани Божиновски. Каланоски беше најопасниот во таборот на Силекс. Најпрво во 23. минута упати удар кој го одбрани Стевковски, а потоа во 42. минута и обид со глава кој оди над голот.

Силекс и со помалку играчи, знае понекогаш да направи проблеми за дефанзивата на Македонија ЃП, додека „лавовите“ одиграа полувреме со многу грешки на средината на теренот, па по првиот дел мрежите мируваа.

Каланоски дојде во зицер ситуација во 57. минута, но не ја искористи некоордираноста на Мишевски. Излезе сам пред голот на Стевковски, а голманот на Македонија ЃП беше одличен и успеа да одбрани. Во финишот од мечот чуварот на мрежата на „лавовите“ уште еднаш се истакна, и уште еднаш со одбрана против Каланоски ја сочува својата мрежа.

Македонија ЃП во вториот дел одигра уште полошо, немаше ниту една сериозна ситуација, само неколку удари кои беа крајно непрецизни, па така натпреварот оди во продолженија.

МАКЕДОНИЈА ЃП – СИЛЕКС        0:0

Национална Арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Гледачи: 4.000.

Судија: Александар Грујоски.

Стрелци: /

Ж. Картони: Алексовски (МЃП) – Каланоски, Алији, Спиркоски (С).

МАКЕДОНИЈА ЃП: Стевковски, Атанаскоски, Мишевски, Личина, Лазаревиќ, Адем, Емини, Воша, Лемос (91’ Алексовски), Попзлатанов, Стојкоски (56’ Купер).

СИЛЕКС: Божиновски, Рајков, Манасиевски (77’ Танушев), Стојчевски, Љамалари, Каланоски, Спиркоски, Алији, Димоски (77’ Петковски), Коцев (57’ Стојчевски), Серафимовски.

Се вчитува...