ФИНАЛЕ НА КУП: Македонија ЃП и Силекс во битка за трофеј, но и за Европа!

Македонија ЃП и Силекс во 29-тото финале на фудбалскиот Куп на Македонија, вечерва на Националната Арена „Тодор Проески“ ќе се борат за големиот трофеј. Покрај пехарот, двата тима имаат голема мотивација да победат и во излезот на Европа која ќе го обезбеди онаа екипа која што ќе триумфира вечерва.

Двајцата тренери Мухарем Бајрами и Горазд Михаилов вчера на прес-конференцијата се согласија дека нема фаворити во овој натпревар. Можеби Македонија ЃП е во предност поради прволигашкото искуство кое го имаше сезонава, но „лавовите“ имаат одлична пролет која вечерва може да биде заокружена со пехар и со пласман во Лигата на Конференции следната сезона.

„Ние од Македонија ЃП сме подготвени, и сосема заслужено сме во финале, ги елиминиравме Академија Пандев, Шкупи, Струга. Јас мислам дека имаме квалитет, и верувам дека можеме да го освоиме трофејот. Максимално го почитуваме тимот на Силекс, кој последен го освои Купот, без разлика на тоа што оваа година е второлигаш, ние имаме максимален респект. Ја анализиравме екипата на Силекс добро, повеќе натпревари гледавме, затоа што се немавме сретнато цела година, и станува збор за одличен тим воден од еден одличен тренер. Во секој момен знаат што прават, и буквално се прошетаа низ втората лига. Гледајќи ги натпреварите и во Купот, и мислам дека ќе биде доста интересен натпревар. Имаме квалитет, за мене е ова прво финале како тренер, а два пати го имам осовено како играч. Се надевам на прв триумф како тренер“, рече Бајрами.

Силекс е првиот актуелен второлигаш кој ќе се бори за големиот трофеј во историјата. Кратовскиот тим е бранител на трофејот освоен минатата година, а тоа беше нивниот трет пехар во историјата на ова натпреварување. Кратовци веќе освоија еден пехар сезонава, оној во втората лига запад, и се пласираа во прволигашката конкуренција, а сега посакуваат сето тоа да го зачинат и со трофеј во Купот, и излез во Европа идната сезона.

„Силекс минатата година испадна, но го освои купот. Ние сме бранители на титулата и сме единствен второлигаш кој ќе го брани трофејот. Настапувавме во втората лига и брзо обезбедивме враќање во елитата, нешто што ни беше приоритет сезонава. Кој и да игра утре ќе го даде максимумо. Респект за нашиот противник кој до последното коло беше во игра преку ПМФЛ да избори влез во Европа преку лигата. Со победите против Брегалницаи и Пелистер ни се отвори шанса за ново куп финале. Ќе дадеме се од себе, но се надевам дека ќе победи фудбалот. Во вакви натпревари нема фаворити, но сепак противникот како прволигаш ќе има блага предност“, изјави Михаилов. 

Натпреварот се игра на Националната Арена „Тодор Проески“ вечерва со почеток од 18 часот.

Се вчитува...