ФИНАЛЕ НА КУП: Трофејот останува кај „лавовите“ или двојна круна за Струга ТЛ?

Попладнево од 17 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје, се игра финалниот натпревар од Купот на Македонија, во кои Македонија ЃП ќе го брани трофејот против новиот шампион Струга ТЛ. Ќе остане ли трофејот одново во витрините кај „лавовите“ и идната година, или, пак, ќе замине во Струга, и со тоа ќе добиеме тим со двојна круна.

Македонија ЃП не одигра сезона како што се очекуваше. Како актуелни освојувачи на Купот очекувањата беа дека ќе се вмешаат во битката за Европа, но тие завршија како седмопласирани, а дојде и до смена на тренерот. Така на местото на минагодоишниот освојувач Муарем Бајрами, седна Горан Симов кој ќе има шанса и како тренер да дојде до Куп трофеј со „лавовите“.

„Ќе играме на добар терен, против силен противник и нè очекува убаво време. Се надеваме дека сè тоа ќе води кон убав натпревар, вистинско финале. Струга Трим Љум го освои трофејот во ПМФЛ и има одлични играчи, дел од нив многу искусни кои ги освоиле сите домашни трофеи. Ние сме максимално подготвени за финалето, мислам дедка притисокот ќе биде врз противникот. Македонија Ѓорче Петров ќе направи сè за да го задржи Куп-пехарот. Можеби не сум искусен многу како тренер, меѓутоа како играч видов сè во мак-фудбалот. Јас се надевам дека ќе дојдам до вториот пехар во ова натпреварување како тренер, нема големи тајни пред финалето. За Македонија ЃП ова е петто финале, додека за стружани е прво, надежта во финалето постои. Пеналите многу често одлучувале во претходните години, дај Боже пак да дојдеме во шанса преку нив да го освоиме трофејот“, рече Горан Симов.

Струга ТЛ пред неколку дена беше крунисана за нов првак, што е прв нивен трофеј во историјата. Сега тимот ќе има можност да стане само еден од ретките кои ќе се закити со двојната круна.

„Завршивме успешно во првенството освојувајќи ја титулата, сега ни останува Купот. Се подготвувавме максимално сериозно и ова за нас е важен натпревар. Оптимизмот е нормален, еуфорија нема. Прославивме малку за титулата, а откако го земавме пехарот веќе од следниот ден размислуваме како да дојдеме и до вториот трофеј. Бевме во Маврово неколку дена каде се подготвувавме максимално да дојдеме до трофејот. Дефинитивно е многу важно да го освоиме и овој пехар. Ние сме скромна екипа за разлика од другите тимови, и реков дека не само што нашиот успех е историски, туку и уникатен. Вечерва е еден натпревар, сите варијанти се во игра, имаме компактна екипа која верувам дека ќе даде се од себе и ќе го донесе пехарот од Купот во Струга“, рече Шпетим Дуро, предводникот на стружани.

Се вчитува...