Финале: Пелистер го напаѓа Аеродром, МЗТ не знае за пораз во „Јане Сандански“

Возбудувањата во финалето од кошаркарското првенство продолжуваат денеска од 19 часот во СЦ „Јане Сандански“ каде МЗТ Скопје ќе го пречека Пелистер во третиот натпревар од серијата. Во првите два, двата тима успеаја да го одбранат домашниот терен па ќе биде интересно да видиме дали овој тренд ќе продолжи или пак битолчани ќе стигнат до „брејк“.

МЗТ Скопје не знае за пораз во домашното првенство во својата сала откако Александар Петровиќ дојде на клупата на аеродромци, а последниот неуспех „штрковите“ го имаа токму против Пелистер, (78-93, на 27 декември 2021 година).

Пелистер во „Боро Чурлевски“ ги сведе пропустите во одбраната на минимум, одлично ротираше и не дозволи лесни поени, а притоа во полза на „зелено-белите“ беше и лошата реализација на противникот. За разлика од нив аеродромци не беа на посакуваното ниво, а имаа и за што да жалат бидејќи пропуштија три обиди за победа од кои два во регуларниот дел и еден во продолжението каде имаа шанса да стигнат до ново продолжение.

Во Аеродром денеска МЗТ Скопје ќе мора да ја поправи реализација која на вториот меч изнесуваше скромни 36 отсто од поле и 24 отсто за три, а Пелистер да успее да го затвори рекетот и да го исконтролира скокот каде во претходниот натпревар дозволи 15 скока во напад. Притоа гостите мораат да го задржат „рецептот“ со агресивна одбрана и добро ротирање.

Во пресрет на денешниот натпревар погледнете ги најдобрите потези од натпреварот во Битола.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by ЕКИПА (@ekipa.mk)

Се вчитува...