Финалето на Купот е во фокусот: Пелистер сака „реприза“ од лани, а Шкендија – двојна круна!

Се е исто како и лани…Стадионот „Младост“ во Струмица вечерва (20 часот) ќе ги пречека новиот шампион Шкендија и бранителот на трофејот во Купот, тимот на Пелистер, во нова финална пресметка од Купот на Македонија. „Пелистерци“ се надеваат на ново чудо, како од минатата година, кога на пенали успеаја да го освојат куп-пехарот. Херој беше голманот Илчо Петровски.

Сега „пелистерци“ се во многу понезавидна положба, испаднаа од елитното друштво, но, секако посакуваат реприза од лани. Тренерот Неџат Хусеин вели дека неговите избраници нема да однапред да се предадат, тоа е сигурно.

„Шкендија влегува како голем фаворит на натпреварот. На убедлив начин го освоија првенството, а со начинот на кој тоа го направија покажаа дека ја имаат најдобрата екипа во Македонија во последните неколку години. Ние сме во финале и ќе се обидеме да се спротивставиме најдобро што можеме. Однапред не се предаваме, напротив, се надевам дека ќе играме добар фудбал и ќе се бориме до крај“, порачува тренерот на Пелистер, Неџат Хусеин.

Шкендија по доминацијата во шампионатот, посакува да ја освои двојната круна, и да му се одмазди на Пелистер за поразот во ланското финале. Тренерот Ќатип Османи е секогаш внимателен и не го залажува фактот дека само пред тро дена неговиот тим го совлада Пелистер во Тетово со 4-0, испраќајќи го во второлигашка конкуренција.

„Не очекува финале, тоа е важно, не треба да не залажуваат победите во првенството. Ова е еден натпревар и треба да го сфатиме максимално сериозно. Наша цел е титула и во Купот на Македонија и ќе се обидеме да ја освоиме. Го почитуваме Пелистер, но најбитни сме ние. Имаме голема шанса да ја оствариме победата за најголем успех во историјата на клубот и ќе дадеме се од себе тоа и да го направиме“, вели тренерот на Шкендија, Ќатип Османи.

Се вчитува...