Финците ја замолкнаа Арената: Купс има предност на полувреме против Вардар (ВИДЕО)

Шок за Вардар во финишот од првиот дел на Националната Арена „Тодор Проески“ на мечот против Купс во 1. квалификациско коло од Лигата на шампионите. Кога се чинеше дека ќе се замине на пауза без голови, една нафрлена топка од корнер и огромна грешка на одбраната на чело со голманот Талески, па Магаса со глава на вториот дирек само се „поклони“ и постигна гол.

Вардар ја имаше повеќе топката во посед, се обиде со кратки додавања да ја „скрши“ одбраната на Финците. Ја имаше „црвено-црниот“ тим и првата шанса преку Закариќ, кој по успешна акција шутираше одкосо од десно, Креидл мораше да интервенира.

Од тогаш па до крајот на полувремето јалова беше таа иницијатива на Вардар, затоа што шансите беа на страната на Купс. Во 19. минута Морено по еден противнапад се закани, а покрај одбраната на Талески, дополнително и Матиќ мораше да интервенира на гол линијата.

Нападите на Вардар беа безидејни, бавни, додека на Финците конкретни, па еден таков во последните мигови од првиот дел резултираше со погодок и со предност преку Магаса, благодарение и на грешката на голманот Талески.

Вардарци ќе мора нешто да сменат во играта, во спротивно ќе се соочат со негатива уште по првиот меч, а познато е дека Купс на домашен терен е многу добар тим и тешко да се победи.

Се вчитува...