Фиорентина го „шутна“ Јакини, Сари пак ќе извиси

Џузепе Јакини од денеска повеќе не е тренер на Фиорентина откако управата на „виолетовите“ се реши за смена на кормилото на клубот. Јакини не ја оправда довербата, тимот стартуваше со просечни игри, а откако во последните пет кола забележа само една победа беше донесена одлука за разделба од овој стручњак.

Главен фаворит за нов тренер на Фиорентина долго време беше Маурицио Сари, но според последните информации екс-тренерот на Јуве и Наполи ќе извиси во оваа трка. Имено, управата на Фиорентина веќе е во завршни преговори со Чезаре Прандели, за поранешниот италијански селектор да се врати назад на „Артемио Франки“. Прандели токму благодарение на добрите игри и резултати со Фиорентина од 2005 до 2010 година стана селектор на италијанската репрезентација, но неговата кариера во последно време не се движеше во позитивна насока. Последен ангажман му беше како тренер на Џенова во сезоната 2018/19.

Промоцијата на новиот тренер се очекува во наредните 48 часа, по што тој би имал доволно време во репрезентативната пауза да се запознае со фудбалерите и да почне да ја наметнува сопствената филозофија. Прандели ќе дебитира на клупата на Фиорентина на домашниот меч со Беневенто закажан за 22 ноември.

Се вчитува...