Елиф Елмас повторно би можел да заигра во Серија А. Македонскиот репрезентативец се најде на радарот на Фиорентина, која размислува за негово ангажирање во текот на летниот преоден рок.
Елмас има богато искуство во италијанскиот фудбал, каде што настапуваше за Наполи повеќе од пет сезони, а во 2025 година беше дел и од Торино. По завршувањето на позајмицата во Наполи, тој се врати во Лајпциг, со кој има важечки договор.
Токму неговата можност да покрива повеќе позиции го прави интересен за Фиорентина. Елмас може да игра во средниот ред, зад напаѓачот, но и по крилните позиции, па тренерскиот штаб го гледа како фудбалер кој би можел да одговори на повеќе тактички задачи.
Според италијанските информации, Фиорентина веќе стапила во контакт со претставниците на македонскиот фудбалер. Елмас треба да ја разгледа понудата, по што клубот од Фиренца би можел да започне официјални преговори со Лајпциг.
Како можна формула се споменува позајмица со право на откуп, што би овозможило Фиорентина прво да го ангажира Елмас, а потоа да одлучи дали ќе го откупи неговиот договор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
