ФК Осогово: Одбивме фузија и купување место, тоа не доликува на клуб со историја

Од ФК Осогово информираат дека следната сезона и дефинитивно ќе се натпреваруваат во Третата лига откако одбиле бројни понуди за фузија и купување место во второлигашката конкуренција. Од Осогово велат дека такво нешто не доликува на клуб со долга историја, па чесно ќе се борат на зелениот терен за враќање на клубот на старите славни времиња…

СООПШТЕНИЕТО ОД ФК ОСОГОВО ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

ГФК Осогово, по одржаниот состанок на Управниот одбор, едногласно ја донесе следнава одлука за понатамошно дејствување на клубот.

Поради фактот што се оддолжи целата работа на ФФМ и процесот на лиценцирање и пополнување на екипите кои што ќе играт во ВМФЛ Исток, донесовме одлука клубот без разлика на се, идната сезона да се натпреварува во Третата Лига Исток.

За разлика од низа наши моментални прволигаши, но и второлигаши одлучивме чесно и поштено да продолжиме, ги одбивме барањата на одредени екипи за фузија и купување на местото. Сметаме дека на клуб како ГФК Осогово кој зад себе има историја од безмалку еден век, не му доликува вакво нешто.

Следната сезона клубот ќе ја искористи за што подобра консолидација и поставување на здрави темели кои што ГФК Осогово во годините што следат ќе го прераснат во сериозен клуб.

Оваа прилика сакаме да ја искористиме да информираме дека досега клубот официјално го напуштија Александар Игески кој продолжи во Тиквеш, како и Владимир Жоглев кој продолжува во Прва лига каде ќе ги брани боите на Победа Прилеп. Најголем дел од ростерот кој што есенва го носеше „жоло-синиот“ дрес ќе остане и идната сезона, а во следните денови ќе промовираме и неколку нови засилувања.

Особен акцент сезонава што ни следи ќе биде ставен на младинските категории и работата во академијата на клубот. Со нови уписи и тренинзи младинските категории ќе започнат од 15. јули, а ќе може да се зачленат деца родени помеѓу 2002 и 2010 година.

Се вчитува...