ФК Скопје: Судијата Гоцевски требаше да е казнет за калкулантско судење

Македонскиот прволигаш Скопје со нова реакција во јавноста, по одлуката да биде суспендиран теренот на „Железарница“. Раководството на клубот смета дека судијата Марјан Гоцевски судел калкулантски и го навлекол гневот со своите на мечот против Работнички (0-1).

По добивањето на одлуката од ФФМ, за суспензија на нашиот терен, управниот одбор на Ф.К. Скопје одржа итен состанок на кој се разгледуваше донесената одлука.

Управниот одбор на Ф.К. Скопје констатира дека сите вербални напади кон судиската четворка од страна на редарската служба, дел од членовите и спонзорите на нашиот клуб, беа како последица од калкулантско судење на главниот судија Марјан Гоцевски кое кулминираше со досудување на пенал и признавање на нерегуларен гол во корист на Ф.К. Работнички со кој директно влијаеше на конечниот резултат на овој натпревар, а со самото тоа и понатамошната судбина на Ф.К. Скопје во борбата за опстанок.

Затоа, ние, од Ф.К. Скопје прашуваме дали одличните резултати на нашиот клуб, кој чесно и без никаква помош ги остварува на зелениот терен, на некого почнаа да му пречат, или пак однапред отпишаниот Ф.К. Скопје ги поремети сите шеми и прогнози во борбата за опстанок, па затоа на последните два натпревари наидовме на катастрофално судење и вистинска фудбалска кражба, се со една цел, а тоа е Ф.К. Скопје да се сопре во постигнување на одлични резултати и остварување на целта, опстанок во ПМФЛ.

Во контекст на наведеното, Ф.К. Скопје прашува:

Која е оцената од контролорот Петре Илијоски, кој за својата арбитража ја доби главниот судија Марјан Гоцевски.
Ако за својата крајно лоша арбитража и непознавање на фудбалските правила судијата доби преодна оцена, тогаш одговорност треба да сноси и контролот Илијоски. Ние како клуб веќе сме казнети со самото губење на бодовите на овој натпревар. Ја прифаќаме и суспензијата на нашиот терен, но исто така ќе бараме и најстрога казна за главниот виновник за настаните на овој натпревар, а тоа е судијата Марјан Гоцевски.

Ф.К. Скопје нема да престане да ја бара правдата и вистината за сето она што се случи на овој натпревар. Нема да потклекнеме на никакви притисоци, ниту пак матни игри на одредени личности кои работат под нечија директива за уништување и исфрлање на нашиот клуб од ПМФЛ. Доколку е потребно, секојдневно ќе искажуваме негодување кон одговорните за натпреварите, а тоа е ФФМ.

Спортски поздрав,
ФК Скопје

Се вчитува...