Фленсбург чекори сигурно кон четвртфинале со Вардар

Фленсбург е тимот што најверојатно ќе му се спротивстави на Вардар во четвртфиналето од Лигата на шампионите, откако германскиот тим славеше со 25-26 на гостувањето во Белорусија против Мешков Брест. Избраниците на Љубомир Врањеш одиграа одлични 45 минути, па и покрај слабиот почеток на натпреварот сепак успеаја да стигнат до победа која ги носи многу близу до четвртфиналето, во пресрет на реваншот што ќе се игра наредниот викенд во Германија.

Мешков Брест има за што да жали ако се зме во предвид фуриозниот старт на домашниот тим. Белорусите по десет минути игра имаа предност од 5-3, на половина од првото полувреме имаа и „плус четири“ (9-5), но потоа како да загубија здив, овозможувајќи им на гостите од Германија целосно да се вратат во мечот. Фленсбург набрзина израмни на 12-12, потоа и замина на одмор со 13-15 со головите на Егерт и на Готфридсон. Гостинскиот состав уште од самиот старт на второто полувреме го контролираше и ритамот на игра и резултатот, имаше и најубедливи 20-25, но Фленсбург потоа девет минути не постигна гол, па Продановиќ со гол на 30 секунди до крајот израмни на 25-25, пред Гландорф со цепелин да им ја донесе заслужената победа на гостите од Германија.

Сван со пет гола беше најефикасен кај Фленсбург, пред Гландорф и Егерт со по четири погодоци, додека најдобри поединци кај Мешков Брест беа Кристопанс со пет и Стојковиќ со четири постигнати гола.

Само за потсетување, подобриот од овој двомеч за противник ќе го има македонскиот првак Вардар, во последна битка за влез на фајналфор турнирот во Келн.

Се вчитува...