Флорентино ја состави „црната листа“: Легендата го напушта Реал Мадрид

Потребата за смена на генерации во Реал Мадрид никогаш не била поголема, а Флорентино Перез е свесен дека ќе мора да ангажира неколку нови фудбалери за да почне нов триумфален циклус. На врвот на листата со желби останува Килијан Мбапе, но во услови на криза „кралевите“ ќе треба да продадат неколку фудбалери за да состават буџет за мегатрансферот на асот на ПСЖ.

Договорено е доаѓањето на Давид Алаба од Баерн Минхен, што ќе значи и дефинитивно заминување на Серхио Рамос. Клупската легенда неколку пати изјавуваше дека сака да остане во Реал, но повеќе од јасно е дека Флорентино има поинакви планови, па воопшто не почнал посериозни разговори за да го задржи Рамос меѓу „кралевите“. Во ситуација кога Милитао игра одлично, челниците на Реал го гледаат тандемот Алаба – Милитао како долгорочно решение за одбраната, што значи и отворена врата за заминување на Рамос.

Шпанските медиуми објавија и дека Перез ја составил „црната листа“ на играчи кои не сака да ги види во Реал следната сезона, па со нивните продажби ќе се обиде да го финансира доаѓањето на Мбапе и на уште неколку фудбалери.

Јовиќ и Себалјос ќе се вратат од позајмиците во Ајнтрахт и во Арсенал, но јасно е дека за нив ќе нема место меѓу „кралевите“, а Флорентино летово ќе инсистира на перманентна продажба наместо на нова позајмица. Иско ги потроши сите кредити и исто така ќе биде продаден, а истото важи и за Марсело, кој сезонава играше само кога Менди беше повреден. Маријано Дијаз исто така ќе биде ставен на трансфер-листа, а главен проблем се очекува да биде Герет Бејл, кој нема да остане во Тотенхем, но изјавува и дека е решен да остане во Реал Мадрид до крајот на договорот (уште една сезона) и да ги заработи оние 30 милиони евра што му следат од потпишаната соработка со „кралевите“.

Се вчитува...