Академија ФМП се пласираше во полуфиналето на Купот на Македонија, триумфирајќи со 91-88 над составот на Еуро Никел. Избраниците на Александар Петровиќ одиграа извонреден меч, со максимална мотивација земајќи го скалпот на актуелниот вицешампион на Македонија, за четврти билет за скопска екипа во полуфиналето од овој завршен турнир што се игра во СРЦ Кале.
Кавадарчани имаа почетно водство од 2-7, но Академија ФМП одговори со фантастична серија од 14 поени со кои ја презеде контролата над резултатот. Еуро Никел за момент се врати, но избраниците на Петровиќ преку Двојаковски и Ајви ја завршија четвртината со водство од 26-21. Соколов и Дубински со тројки донесоа водство на Еуро Никел на самиот почеток од втората четвртина, но во израмнета битка ФМП стигна до предност од 49-45 по двете тројки што ги постигна Ајви.
Скопскиот прволигаш доминираше во голем дел од третата четвртина, стигнувајќи и до најубедливи „плус шеснаесет“ (69-53), но Димчевски со две тројки го врати својот тим во игра. Еуро Никел потоа фуриозно го почна последниот период, успевајќи дури и да направи пресврт, поведувајќи со 74-76. Во драматичен финиш поприсебни беа кошаркарите на Академија ФМП, Темелковски постигна важна тројка и имаше и клучен офанзивен скок, за на крајот тимот од Кисела Вода да триумфира со конечни 91-88.
Академија ФМП во полуфиналето во 17 часот ќе се сретне со ТФТ, а во второто полуфинале силите ќе ги одмерат МЗТ Скопје и Феникс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА