ФМП не се откажува од Супер-лигата: Џиновска победа во Гевгелија над Кожув

Кошаркарите на Академија ФМП забележаа уште една исклучително важна победа во трката за место кое води во Супер-лигата, триумфирајќи на гостински терен над директниот конкурент Кожув со резултат 77-84. По извонредната победа над МЗТ Скопје во минатото коло, ФМП одигра уште еден одличен меч, избраниците на Петровиќ имаа помирна рака од домашните кошаркари во клучните моменти од мечот и заслужено стигнаа до победата.

Кожув беше подобар во првите пет минути од средбата, но по водството на домашниот состав од 15-10 гостите од Скопје заиграа подобро до крајот на четвртината поведувајќи со 17-24. Академија ФМП беше подобар противник и во вториот период, гостинскиот тим имаше и двоцифрена предност, за со тројката на Симоновски домаќините да ја спуштат негативата под десет поени (35-44). Најдобар период од играта на Кожув беше третата четвртина што домашниот тим ја доби со 25-15 и направи целосен пресврт. Сепак, Петровиќ успеа да го извлече максимумот од својот тим кога беше најважно, одиграа цврсто во одбраната, во прилог им одеше и фактот што шутот од далечина на домаќините воопшто не функционираше, па овој меч заслужено заврши со триумф на ФМП од 77-84.

Крстајиќ беше главна фигура кај прволигашот од Кисела Вода и на овој натпревар постигнувајќи 28 поени, 17 постигна Харис, а 15 Лука Стојановски. На спротивната страна, најефикасни во редовите на Кожув беа Станојевиќ со 26 и Симоновски и Караџовски со по 13 поени.

Се вчитува...