Иван Галевски бранеше извонредно за Алкалоид вечерва против Ла Риоха, со 17 одбрани овој 19-годишен голман беше меѓу најзаслужните за првиот европски триумф на македонскиот вицепрвак.
Тренерот Кире Лазаров на прес-конференцијата по мечот обелодени дека планот не бил Галевски да почне на голот, но Лазаров се премислил десетина часа пред почетокот на натпреварот.
„Имавме една поинаква такстичка замисла, но утрово кога станав, прва работа што ми падна на ум беше Галевски. Имав некое претчувство дека ќе брани одлично, ги сменивме плановите и не згрешивме, тој навистина имаше фантастичен натпревар“, истакна Лазаров.
Македонската ракометна легенда откри и зошто ретко им дава комплименти на своите млади и перспективни играчи.
„Галевски е голем талент, брани навистина квалитетно за своја возраст. Сепак, тој е и многу млад, затоа бирам зборови кога говорам за него, исто како и за Митев и за дел од останатите… многу е важно да останат приземни, да продолжат напорно да работат и на тренинзите и на натпреварите. Убаво е да се пофалат преку медиумите, но од друга страна тоа мене ми создава проблеми потоа на тренинзите“, се пошегува на крајот Кире Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА