Франческо Тоти: Збогум, татко мој… ова ми беа најтешките десет дена во животот

Франческо Тоти преку емотивно писмо се прости од својот татко, кој пред неколку дена ја загуби битката со коронавирусот. Легендарниот италијански фудбалер го опиша изминатиот период како „најтешки денови во животот“, откако состојбата на татко му се влошила, тој бил пренесен во болница, каде лекарите не успеале да се изборат за животот на Енцо Тоти.

„Збогум, татко мој… ги минав најтешките десет дена во животот, знаејќи дека си сам во борба против злото, дека не си во состојба да ме видиш, разговараш, прегрнеш… би направил се да сум крај тебе. Сега мојот живот ќе биде поинаков бидејќи израснав со важни вредности затоа сакам да ти се заблагодарам, тато, за се што направи за мене, што од мене создаде силен и и храбар човек. Се уште можам да го слушнам твојот глас, ми недостига смеата што ја имавме заедно, ми недостига твојата насмевка, твоите очи, ми недостига да те видам на софата како гледаш телевизија“, напиша Тоти.

Па продолжи…

„Морам да ти кажам извини и благодарам. Извини за се што не разбирав, за се што не ти имам кажано, за пропуштените прегратки, за неизречените зборови, за грешките кои ги направив, но пред се… фала ти што ми беше татко и никогаш нема да престанеш да бидеш“.

„Принцот на Рим“ наведе и дека никогаш немало да создаде толку блескава кариера доколку не бил нееговиот татко.

„Иако веќе не си меѓу нас, спомените на тебе и твојата насмевка нема да бидат заборавени. Имаше толку многу пријатели кои те сакаа бидејќи беше поинаков од другите, секогаш присутен, секогаш достапен, пријател на сите. Беше и моја гордост (се надевам и јас бев твоја). Денеска повеќе од било кој друг ден разбрав колку ми беше важен во животот и во следните години ќе ги чувам овие драгоцени спомени во моето срце. Чао, татко мој, поточно… Чао, шерифе… Среќен пат, од твојот Франческо“, го заврши емотивното писмо Франческо Тоти.

Се вчитува...