Франција е ракометна велесила: Ракометарките по стапките на машките колеги

Франција демонстрира апсолутна моќ на ракометната сцена на овие Олимписки Игри, откако по машкиот национален тим денеска со олимписко злато се закитија и ракометарките, кои славеа во финалето против Русија со резултат 30-25. Русинките, кои допатуваа во Токио како бранителко на трофејот, направија подвиг откако во полуфиналето ја елиминираа Норвешка, но немаа сили за нешто слично денеска, откако не најдоа одговор за цврстата француска одбрана.

Со ова, Франција стана третата земја што ги обединила олимписките злата во машка и во женска конкуренција, по СССР во Монтреал и Југославија во Лос Анџелес.

Русија поведе на самиот почеток со 3-1, но Французинките набрзина се разбудија и заиграа во својот препознатлив ритам. На одмор се замина со водство на „триколорите“ од 15-13, Русинките израмнија на 16-16 на почетокот од вториот дел, но тоа беше се што успеаја да сторат во ова финале. Франција предводена од фантастичната голманка Дарло издоминира во следните десетина минути, на спротивната страна Французинките постигнаа неколку лесни голови и со серија од 6-0 практично го решија победникот, за на крајот да слават со конечни 30-25.

Дарло со 11 интервенции во второто полувреме беше меѓу најзаслужните за олимпиското злато на Франција, додека во нападот најефикасни беа Пино и Фопа со по седум погодоци. Во редовите на Русија најдобар стрелец во ова финале беше Ведекина со седум погодоци.

Се вчитува...