Французите останаа на 100%, Литванија се „спакува“

Франција сосема заслужено славеше на дуелот против Литванија со 78-75, задржувајќи го стопроцентниот ефект на овој светски шампионат, воедно и елиминирајќи ги Литванците од трката за четвртфинале. „Триколорите“ како и на премиерниот меч со Германија одлично почнаа, но потоа им се случи пад во последната четвртина што за нивна среќа не донесе и целосно фијаско. Така, Франција во следниот меч против Австралија в понеделник ќе се бори за првото место во групата.

„Триколорите“ тргнаа извонредно во мечот, па предводени од Гобер (9 поени во првите шест минути) стигнаа до двоцифрено водство веќе во раната фаза од мечот (20-8). Првата четвртина заврши со резултат 26-14, по што француските кошаркари ја одржуваа двоцифрената предност до почетокот на четвртиот период.

Во овој дел од мечот се влезе со резултат 65-54, но Литванците ја стартуваа фуриозно последната четвртина и за само неколку минути го израмнија резултатот. Центарот Гобер промаши три од четирите слободни фрлања при водство од 74-72, но по поениите на Фурние „триколорите“ сепак влегоа во последнат аминута со предност од 76-74. Валанчиунас погоди само едно од двете слободни фрлања, по што Де Коло ја презеде одговорноста и погоди скок-шут за 78-75. Литванците очајно го одиграа последниот напад, Мачиулис солираше и се обиде со тројка преку играч, но не беше прецизен, па на едно коло до крајот оваа европска селекција ги загуби сите шанси за пласман во четвртфиналето.

Фурние со 24 и Де Коло со 21 поен беа најефикасни во таборот на победничката селекција, додека кај Литванија најдобар поединец беше Валанчиунас со 18 поени и 8 скокови.

Се вчитува...