Фудбалерите на Арсенал сакаат Венгер да остане и следната сезона

Арсенал го тресе огромна криза, доживеа срамна елиминација од Баерн Минхен со вкупен резултат 10-2, но фудбалерите и понатаму го поддржуваат менаџерот Арсен Венгер. Десниот бек Хектор Белерин истакнува дека токму Венгер е творецот на овој состав на „топчиите“.

„Целиот тим го поддржува тренерот. Ја создаде оваа екипа и ја направи функционална. Мене тој ме доведе во Лондон и секако дека посакувам да остане и следната сезона. Не само јас, туку и моите соиграчи го посакуваат истото. Сите го поддржуваме Венгер и сакаме да продолжи со својата работа“, изјави Белерин.

Фудбалерот на Арсенал е несреќен затоа што со убедливиот пораз ги разочараа фановите.

„Мене најмногу ме погоди фактот дека навивачите го напуштија стадионот многу порано од последниот свиреж. На крајот на краиштата, сите играме за нив, сакаме тие да се среќни, да навиваат и да не поддржуваат. И навистина боли ваквата нивна реакција. Но, свесни сме дека не сме во посакуваниот ритам и мора да се трудиме тоа да го смениме до крајот на сезоната. Арсенал може многу повеќе од тоа што го прикажа на двата меча против Баерн Минхен во Лигата на шампионите“, дополни шпанскиот интернационалец.

Се вчитува...