Фудбалерите на Македонија Ѓ.П претплатени за пенал рулет

Пишува: М.Мицковиќ

Во петте учества во финалните мечеви за Купот на Македонија, четири пати изведувале пенали, двапати и на полуфиналните натпревари

Се уште не стивнуваат дискусиите кај љубителите на фудбалот по изведувањето на пеналите на финалниот меч за Купот на Македонија меѓу Струга Трим Љум и Македонија Ѓ.П. кој и по две продолженија заврши без победник 1:1. Ретко се случува на фудбалските натпревари некоја екипа последователно да не реализира дури четири пенали во првата серија како што тоа им се случи на фудбалерите од Струга. Нејзините играчи Таири, Незири, Радевски и Шабани беа трагични фигури на овој меч, не реализираа ниту еден удар од 11 метри. Не се прославија и стрелците на Македонија Ѓ.П. Мишевски и Алексовски, беа непрецизни, но ги спасија соиграчите Личина и Скендеровски, кои не промашија и Македонија, со само два реализирани, рулет пенали, како што ги викаат кога се изведуваат по завршувањето на секој меч , го освоија купот.

И тука почнува приказната за рулет пенал мајсторите или подобро среќници на фудбалерите од Ѓорче Петров кои во својата историја , откако нашата држава стана самостојна на петте учества во финалните натпревари за Купот на Македонија четири пати изведувале пенали, па дури двапати и на последните полуфинални куп мечеви. Навистина интересно.

И минатата година /2022/ кога финалниот меч за Купот на Македонија меѓу Силекс и Македпонја/ Ѓ.П/ заврши без победник /0:0 /, се изведуваа пенали на кои повторно ѓорчепетровци имаа среќа и го освоија Купот. Личина, Адем, Атанасовски и Емини беа прецизни, Попзлатанов промаши додека кај Силекс Рајков и Амини не успеаја да го совладаат голманот на Македонија Кристијан Стевковски , залудно Цветковски, Стојчевски и Калановски погодија од 11 метри.

И полуфиналните мечеви решени со пенали

Да се вратиме на полуфиналните мечеви за Купот во 2022 и 2023 година. Повторно во главна улога беа играчите на Македонја Ѓ.П. Годинава со подобро изведување на пеналите ја елиминираа Шкендија во Тетово откако мечот заврши без победник 1:1. Милев, Шаља и Тотре беа прецизни кај тетовчани, не реализираа Чинари, Дориев и Цака, попрецизни беа играчите од Ѓорче Петров и го освоија, купот. Мишевски, Алексовски Фазли и Самаке стрелаа прецизно, Личина и Да Силва промашија. Во петтата серија Дориев ја имаше победата за Шкендија но Стевкоски го одбрани неговиот удар, потоа Цака промаши и Самаке ја заврши приказната на овој меч.

Можеби љубителите на фудбаллот веќе и заборавија но и минатата година во полуфиналето за Купот Македонија Ѓ.П ја елиминираа Струга и тоа во гости. И по две продолженија беше без победник 0:0. Од првите четири удари од 11 метри стружани не реализираа два Босанчиќ и Гелевски, Илиевски и Шанбани беа прецизни, додека фудбалерите на Македонија Адем, Атанасоски , Стојчевски и Поп Златанов ја погодија мрежата на струшкиот тим пласирајки се во финалето.

Пеналите не носат секогаш среќа

Сепак, фудбалерите на Македонија немаа секогаш среќа со пеналите кога играа во финалето за Купот. Во 2009 година загубија на пенали од Работнички, откако беше 1:1. На овој меч се изведуваа по седум пенали од секоја екипа. Работнички беше попрецизен. Вандаир, З.Карлос, Трајчев, Димовски и Савиќ погодија, Перендија промаши, додека кај Македонија трагичари беа Де Брито и Д . Јовановски, не го погодија голот, залудно Брњарчевски, Клечкаровски, Илиевски, Милевски и Лена беа прецизни, купот замина во витрините кај романтичарите.

И во 2019 година иако играше во финалето Македонија /Ѓ.П/ остана беа трофејот во Купот. Играше со Академија Пандев, мечот заврши без победик /2:2/. Подобри пеналџии овојпат беа играчите од Струмица кои преку Дориев,Стоилов, Илиев и Велинов ги реализираа првите четири пенали, кај Македонија Карваљо и Да Силва беа прецизни, Тантуровски и Лукас промашија и збогум на купот.

И на крајот, и ова е интересно. Во петте настапи во финалето на Купот, играчите на Македонија од Ѓорче Петров само еднаш беа победници во регуларниот тек, во 2006 година кога ја победија Шкендија со 3:2 без изведување на рулет пеналите.

Се вчитува...