Фудбалскиот „земјотрес“ во 2021: Меси, Роналдо, Рамос…

Изминува уште една фудбалска година, но оваа 2021 ќе остане запаметена по огромниот број на мегатрансфери кои ја променија „мапата на моќта“ во европскиот фудбал. Никој не можеше да претпостави дека во помалку од еден месец трансфери ќе направат двајцата најдобри фудбалери на денешницата, Лионел Меси и Кристијано Роналдо, кои решија да ги променат клупските бои.

Особено шокантна беше разврската со Меси, кој прифати значително намалување на платата за да остане во Барса, но управата на каталонскиот гигант поради големите финансиски проблеми не успеа да го усклади буџетот за да може да го регистрира Аргентинецот во Ла Лига. Целата ситуација ја искористија челниците на ПСЖ, кои експресно ги договорија деталите и го доведоа Меси на „Паркот на принцовите“, создавајќи дрим-тим заедно со Нејмар и Мбапе со една единствена цел – освојување на трофејот во Лигата на Шампионите.

Роналдо стануваше се пофрустриран во Јувентус, „старата дама“ ја загуби и доминацијата во Италија откако скудетото му припадна на Интер, а враќањето на Алегри на тренерската функција само ја зголеми неговата решителност да си замине. Она што беше најинтересно беше фактот дека Кристијано се најде на чекор до трансфер во Манчестер Сити, но еден телефонски разговор со Сер Алекс Фергусон се покажа решавачки за Португалецот да ја промени одлуката и да се врати назад во Манчестер јунајтед, клубот што го лансираше Кристијано кон самиот врв на светскиот фудбал.

Годинава заврши уште една ера во европскиот фудбал, онаа на Серхио Рамос во Реал Мадрид. Одличниот дефанзивец мина цели 16 години носејќи го дресот на Реал, за на крајот претседателот Флорентино Перез воопшто да не му понуди нов договор по истекот на актуелниот, на 30 јуни 2021 година. На маса имаше неколку понуди, за на крајот да го избере ПСЖ, каде Рамос се уште не е влезен во ритам поради серијата повреди што го лимитираа максимално неговиот број на настапи за „светците“ од Париз.

Интер по долги години ја прекина серијата титули на Јувентус во Калчо-лигата, но големите финансиски проблеми на кинеските газди ги натераа „нероаѕурите“ да почнат со распродажба. Прв замина Хакими во ПСЖ, што следеше со протест и оставка од тренерот Конте. Згора на тоа, беше продаден и најдобриот стрелец Ромелу Лукаку во Челси, но тоа не се одрази премногу врз гигантот од Милано, кој под водство на новиот тренер Симоне Инзаги продолжи да гази во Серија А и во првиот дел од новата сезона.

Манчестер Сити урна нов рекорд во Премиер-лигата, плаќајќи 100 милиони фунти за Џек Грилиш како најскап трансфер во историјата на елитното англиско фудбалско друштво.

Зачести и трендот на ангажман на врвни засилувања како слободни играчи, па така без никаква отштета Реал го донесе Давид Алаба од Баерн, Интер се засили со Чалханоглу од лутиот ривал Милан, додека ПСЖ ги доведе голманот Донарума и холандскиот играч за врска Вајналдум од Ливерпул…

Годинава што изминува дефинитивно беше суперинтересна на пазарот, а 2022 ветува дека ќе биде уште подраматична. Па слободен за трансфер е Килијан Мбапе, а клаузула за отштета има Ерлинг Халанд…

Се вчитува...