Галатасарај доби конкуренција: Алиоски со нова понуда од Турција

Галатасарај не е единствениот турски прволигаш што покажува сериозен интерес за Езгијан Алиоски, откако челниците на Трабзон решиле да се вклучат во трката за ангажман на македонскиот репрезентативец. Влијателниот турски весник „Фанатик“ обелодени дека Трабзон веќе почнал преговори со агентот на Алиоски, во надеж дека ќе успее да го победи турскиот ривал и да го обезбеди потписот на офанзивниот бек на Лидс уште пред да заврши оваа сезона.

Според „Фанатик“, агентот на Алиоски побарал бонус од еден милион евра при самиот потпис на договорот. Оваа сума била превисока за раководството на Трабзон, но преговорите се уште се во тек. Кај двете страни постои оптимизам дека може да се стигне до договор, па Алиоски да отпатува на ЕВРО 2020 со Македонија со веќе потпишана соработка со новиот клуб.

Едно е јасно, македонскиот интернационалец летово си заминува од Лидс. Британските медиуми јавуваат дека премиерлигашот испратил уште една понуда за нов договор до Алиоски, но истата била експресно одбиена, како јасен знак дека нашиот репрезентативец својата иднина ја планира надвор од „Иланд Роуд“.

Во меѓувреме, се очекува Алиоски денеска повторно да биде стартер во првиот тим на Лидс на домашниот натпревр против Манчестер Јунајтед.

Се вчитува...