Иван Галевски беше херојот на Алкалоид на првиот меч во Атина, а младиот голман е максимално мотивиран работата да се заврши и на неделниот реванш во Скопје, за „сино-белите“ од Алкалоид да се закитат со европски трофеј.
Алкалоид има победи на сите домашни натпревари во ЕХФ Европскиот куп сезонава, серија што се очекува да продолжи и против АЕК за остварување на зацртаната цел – кревање на пехарот.
„АЕК е искусна екипа со етаблирани играчи во светскиот ракомет. Иако имаме плус четири, нема да ни биде лесно бидејќи знаеме со каква екипа се среќаваме. Сепак, мислам дека ја имаме онаа предност што ја немавме во Атина – нашиот осми играч публиката. Знам дека ако сме добри и ако го спроведеме она што ни го кажува тренерот, ќе се радуваме на крајот“, истакна Галевски.
Тој го навлече гневот на грчките фанови на првиот меч, откако ги откажа ракометарите на АЕК со пет одбранети пенали во второто полувреме. Поради тоа, не планира летен одмор кај јужниот сосед.
„На одмор летово нема да одам во Грција, туку нешто подалеку“, со насмевка одговори Галевски на новинарското прашање.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА