Ракометната репрезентација на Македонија до 21 година славеше над Бразил по изведување на пенали со 37-38 во натпревар за разигрување од 25 до 28 место на СП во Полска.
Иако нашите надежи споро го отворија натпреварот, како одминуваше првиот дел играа се подобро па на пауза заминаа со позитива од три гола 18-21.
Во вториот дел како и на поголемиот дел натпревари на овој шампионат следуваше голем пад кој Бразилците го искористија на најдобар можен начин па на влез во последните десет минути имаа предност од 30-27. Нашите надежи успеаја да се вратат во игра и на две минути до крајот да израмнат на 33-33.
Следуваше гол за Бразилците, па промашен зицер на Димитар Узунчев со кој бразилците на 40 секунди до крајот имаа позитива од 34-33 и напад. Следеше техничка грешка за Бразил, а нашите ракометари тргнаа во напад за израмнување. Узунчев стрелаше за 34-34, а натпреварот замина во изведување на пенали.
Таму, Галевски со две интервенции беше херој за Македонија која славеше со 4-3.
Мирче Калајџиески со осум гола беше прво име во нашиот табор, додека кај Бразил 11 гола постигна Виеира да Силва.
Македонија со оваа победа ќе се бори за 25. место на шампионатот, а таму за противник ќе го има подобриот од дуелот меѓу САД и Бахреин.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА