Гарабаја: Висла заслужи да победи, жалам што беше толку убедливо…

Рубе Гарабаја не го криеше разочарувањето по гостувањето против Висла во кое тимот на Е. Пелистер загуби со убедливи 36-25 на мечот во Полска.

Шпанскиот стручњак жали за убедливата разлика на крајот, за која смета дека не ја претставува вистинската слика за случувањата на теренот.

„Честитки до Висла, тие апсолутно ја заслужија победата. Станува збор за одличен тим со многу добар тренер, а тоа мое тврдење го потврдува и резултатот. Жалам за висината на поразот, особено бидејќи не верувам дека заслуживме да загубима со таква маргина“, изјави Шпанецот.

Сличен став имаше и голманот Мирко Алиловиќ, кој бранеше одлично на голот на Висла против македонскиот првак.

„Ова беше одличен натпревар. Среќен сум што се вративме на победничките патеки. Почит за Пелистер бидејќи конечниот резултат не го рефлектираше текот на натпреварот. Во вториот дел игравме одлична одбрана, а тоа ни дозволи да дадеме многу голови од контра напади. Овој резултат дефинитивно е одличен за нашата самодоверба и докажува дека одиме во вистински правец“, истакна Алиловиќ.

Се вчитува...