Аталанта е подготвена за предизвикот што го носи вечерашниот четвртфинален дуел против ПСЖ и нема намера да отстапи од својата вообичаена тактика, без оглед на фактот што противникот е фаворит во оваа битка. Ова го порача тренерот Џампјеро Гасперини, јасно ставајќи до знаење дека Аталанта ќе игра напаѓачки и против најдобриот француски клуб.
„Нема да се браниме. Сигурно нема да глумиме дека сме фаворити кога играме против одличен ривал, но нема да отстапиме од она што го покажуваме цела сезона. Сакаме да победиме, но резултатот не е најважен, најважно е да бидеме Аталанта, она со што нашите навивачи се идентификуваа цела година. Да, ПСЖ го има Нејмар, но ако ние одиграме добро напаѓачки, Нејмар ќе троши голем дел од енергијата враќајќи се да помогне назад, наместо цело време да е околу нашиот шеснаесетник“, истакна Гасперини.
Овој стратег го водеше Интер кратко време во 2011 година, а откри и дека една епизода од работата со „нероаѕурите“ му била лекција што ја памети цел живот.
„Јас на времето во Интер гледам како на добра работа, бидејќи за мене тоа беше искуство што денеска ме прави подобар тренер. Се сеќавам на мечот против Трабзон, тоа беше првпат да не си го почитувам сопственото мислење, слушнав туѓи сугестии и решив да играм со четворица во последната линија наместо со тројца како до тој момент. Загубивме, но оттогаш ниту еднаш не сум отстапил од она во што верувам, како мојот тим треба да игра. Нема да отстапам ниту вечерва против ПСЖ, најави тренерот на Аталанта.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА