Гавриловиќ: Девојките ќе бидат максимално подготвени, одиме на две победи во Таранто

Женската сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија ги стартуваше подготовките за учеството на Медитеранските игри во Таранто.

Селекторот Милош Гавриловиќ по дебито минатиот циклус, сега знае со што располага иако списокот за овој собир претрпе промени со оглед на тоа дека дел од младите одбојкарки ги нема на располагање поради обврските кои ги имаат со У20 селекцијата во Зонските квалификации за Европското првенство 2027.

По кратка пауза повторно се собравме на подготовките за Медитеранските игри. Составот е малку сменет, не се сите девојки кои беа со нас и во првиот дел. Помладите ќе настапуваат за селекцијата до 20 години. На Медитеранските игри ќе се соочиме со репрезентации кои се на нашето ниво. Се надевам дека успеавме пред се да се одмориме, но и да размислиме за се – каде грешевме, кои работи беа добри и на што треба да продолжиме да работиме и да подобриме. На Медитеранските игри да отпатуваме со идеја да оствариме две победи, што е моја лична цел, а зошто да не и три. Ќе видиме и противниците во кој состав ќе дојдат, но во Таранто одиме на победа. Пред тоа ќе мора добро да се подготвиме и да работиме и да напреднеме повеќе од првиот собир“ – потенцира селекторот Милош Гавриловиќ.

Репрезентацијата комплетните подготовки ќе ги одработи во СЦ „Форца“ во Скопје, а првиот тренинг го имаше вчера.

За женската репрезентација на Македонија ова ќе биде втор настап во низа на Медитеранските игри откако претходно настапија на Игрите во Оран, Алжир во 2022 година.

Македонија на Медитеранските игри ќе биде дел од групата Б каде за противници ќе ги има селекциите на Турција, Грција, Алжир и Косово, додека во групата А ќе се натпреваруваат Италија, Србија, Египет, Босна и Херцеговина и Сирија.

Се вчитува...