Германија почнува нова ера: Клоп официјално селектор

Јирген Клоп и официјално е нов селектор на германската фудбалска репрезентација. Прославениот стратег, кој во кариерата ги предводеше Борусија Дортмунд и Ливерпул, ја презема функцијата со цел повторно да ја врати Германија во самиот светски врв по разочарувачките настапи на последните три Светски првенства.

Клоп на селекторската позиција го наследува Јулијан Нагелсман, кој доби отказ по елиминацијата на Германија од Парагвај во шеснаесетфиналето на неодамна завршениот Мундијал.

Германската фудбалска федерација му довери договор до Светското првенство во 2030 година, а официјално ќе ја преземе функцијата на 15 август.

Во неговиот стручен штаб ќе бидат долгогодишните соработници Петер Кравиец и Пепијн Лијндерс, како и поранешниот германски репрезентативец Свен Бендер.

Германија последен пат ја освои светската титула во 2014 година, кога во финалето ја совлада Аргентина, додека европски шампион не била од 1996 година. Во меѓувреме, „панцирите“ играа и во финалето на Светското првенство во 2002 година, како и во финалето на Европското првенство во 2008 година.

На официјалната промоција, Клоп порача дека ја прифаќа функцијата со голема чест и одговорност.

„Националната репрезентација може да нè обедини нас Германците како речиси ништо друго. Токму тоа ја прави оваа задача толку посебна за мене. Благодарен сум за сè што доживеав и научив во Ред Бул во текот на изминатата година и пол, и за отвореноста што го овозможи овој договор. Сега се радувам на оваа посебна задача во германскиот фудбал, на која ќе пристапиме заедно со понизност и трпение – да изградиме тим кој ќе се бори еден за друг, ќе ужива во фудбалот и зад кој целата земја ќе може да застане“, изјави новиот селектор на Германија.

Се вчитува...